Во вчерашното премиерно издание на емисијата „На здравје“, гледачите уште еднаш имаа можност да уживаат во вистинска фешта од македонска песна, традиција и емоција. Емисијата започна со звуците на едно од најпознатите македонски ора во изведба на младиот гајдаџија Петар Трајанов, кој со својата енергија веднаш ги освои срцата на публиката.
Веднаш по него, микрофонот го презеде докажаната пејачка Лени Партикова, која во живо ја отпеа „Искрена љубов се бара“, пренесувајќи длабоки чувства и моќна вокална изведба.
Домаќинот и водителот на емисијата, заедно со својата група Круна, ја започна емоционалната песна „За тебе брате“, а младиот Немања Денчиќ маестрално ја доврши до самиот крај. Следуваше заразната „Тинке Катинке“, во изведба на Виртуоз Бенд, која внесе ведрина и насмевки на лицата на присутните.
Сцената ја презедоа Катерина и Слободан Трајанови со старата македонска „На срце ми лежи мила мамо“, а потоа со вистинска енергија настапи Дани Даниела со „Две срца“, во придружба на група Круна.
Немања Денчиќ повторно се врати со изведбата на „Дали знаеш дали паметиш Милице“, а публиката ја воодушеви и настапот на гајдаџиката Елена Јовческа, која покрај оро, ја отпеа и песната „Рум Дум Дум“.
Вечерта продолжи во исто високо темпо – Гордана Костоска ја отпеа легендарната „Ако згрешам нека изгорам“, а Петар Нечовски ја разигра атмосферата со „Ти си моме идеално“.
Силната емоција продолжи со Спасен Силјановски и неговата изведба на „Распукај срце ко Шар Планина“, по што Орде Неделковски заедно со Круна ја отпеаа емотивната и љубовна „Птицо бела“.
До крајот на емисијата, повторно се вратија Дани Даниела и Гордана Костоска со веселата „Ова е приказна стара“, а како шлаг на тортата беше енергичната изведба на Малешевското оро од Влатко Ѓоргиев, Џељо и, секако, група Круна, кои ја заокружија оваа музичка бајка со разиграна публика и нескриени емоции.
„На здравје“ уште еднаш покажа дека македонската песна живее и блеска, благодарение на уметниците што ја носат со гордост и љубов.