Почетна > Македонија > „Let Us Be“ – Владимир Четкар со ексклузивна концертна промоција во Скопје пред големата светска турнеја

„Let Us Be“ – Владимир Четкар со ексклузивна концертна промоција во Скопје пред големата светска турнеја

///
Comments are Off

Светски признатиот македонски гитарист, композитор и продуцент Владимир Четкар ќе ја претстави својата најнова музичка визија на концертната промоција на албумот „Let Us Be“, што ќе се одржи на 8 мај (среда), со почеток во 21:00 часот, на поткровјето на култниот скопски простор Јавна Соба (Public Room).

Овој ексклузивен настап го означува и стартот на големата меѓународна турнеја која ќе го одведе Четкар низ неколку американски метрополи, меѓу кои Бостон, Њујорк и Чикаго, а потоа и во далечна Јапонија, каде што албумот веќе е објавен преку реномираната музичка куќа P-Vine Records и достапен во локалните музички продавници.

„Let Us Be“ е четвртиот студиски албум на Четкар, снимен во Чикаго со учество на повеќе од 40 врвни интернационални музичари и звучни инженери. Со својата уникатна фузија на соул, фанк и џез, овој проект претставува ново ниво на неговото музичко изразување, инспириран од љубовта, секојдневието, предизвиците и вистинските човечки емоции.

„Овој албум е моја лична порака за автентичност, слобода и љубов. Сакам преку музиката да поттикнам заедничко славење на животот, мигот, прошката и човековата природа. На сите што ќе бидат дел од концертот – благодарам што заедно ќе го почувствуваме ова патување“, изјави Четкар.

Со диплома од реномираниот Berklee College of Music во Бостон, Владимир Четкар веќе две децении успешно ја гради својата кариера меѓу Македонија и САД. Роден во Охрид, денес тој е активен на њујоршката сцена, каде што ја продолжува својата автентична музичка приказна, препознатлива и надвор од границите на Балканот.

Концертот во Скопје е единствена можност за македонската публика да го доживее „Let Us Be“ во живо, непосредно пред албумот да отплови по светските сцени.

Може да ви се допаѓа и
Зурли, емоции и ѕвезди – спектакл од музика во најновата епизода на „На Здравје“ (Фото)
Александра Пријовиќ за првпат го покажа трудничкото стомаче
Капетан Кеба во акција: Мини шоу во авион и импровизиран концерт во „Ѕвездите на Гранд“
Бобан Рајовиќ ја слави 25-годишнината со син му како нов менаџер