На Илинден – денот на македонската борба, гордост и идентитет – една од најпрепознатливите македонски музички групи, Група Круна, ја промовира својата најнова песна со наслов „Ние сме Македонци“. Оваа родољубива композиција, како што самите велат тие, е повеќе од музика – тоа е порака, чувство, завет.
Во време кога зборовите чест, припадност и идентитет добиваат длабоко егзистенцијално значење, Група Круна создава дело кое се слуша со срце и се живее со душа. „Ние сме Македонци“ е песна за сите генерации – за нашите предци, за нас денес, и за сите што доаѓаат. Таа е одраз на македонската непокорност, гордост и љубов кон татковината.
Ексклузивната премиера ќе се случи на 2 август, токму на Илинден, во 18:00 часот на најгледаната македонска музичка телевизија – Balkan Music, како и на YouTube.

Музиката и аранжманот носат автентичен македонски етно-пулс, во кој се спојуваат длабоки емоции и исконска енергија. Текстот, полн со патриотска сила, е дело на Орце Стефковски. Музиката ја потпишуваат Џељо Дестановски и Горан Мирковски – кој стои и зад миксот и мастерингот. Аранжманот е збогатен со звуците на зурла, кавал и тапан од незаменливиот Џељо Дестановски, а тамбурите на Христо Јаневски ѝ даваат на композицијата огнена душа – силна, дива и горда, како Македонија.
Видеоспотот, снимен на неколку симболични локации во Штип, ја претставува Македонија онаква каква што ја сакаме – вечна, магична и непокорлива. За продукцијата се погрижи Арт Студио продукција, кои повторно креираа визуелна уметност што ги разгорува емоциите и буди љубов.
Како што велат од Група Круна:
„Ова не е само песна – ова е глас на сите Македонци, без разлика каде се наоѓаат. Ова е наше огледало, наш аманет, наш отпор и наш идентитет.“.
Не ззаборавајте, 2 август ден Илинден, 18 часот само на Балкан Мјузик тв.
Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ