Градот на светлината и убавината, македонскиот Ерусалим синоќа стана музички центар на Балканот. На стадионот „Билјанини Извори“, пред илјадници луѓе, легендарната Лепа Брена одржа спектакуларен концерт кој долго ќе се памети.
Стадионот едноставно беше премал да ги собере сите обожаватели кои со денови се подготвуваа за оваа голема вечер. Од младите, до генерациите кои растеле со нејзините хитови, сите беа дел од оваа емотивна музичка приказна. Брена, препознатлива по својот шарм, глас и сценски настап, концертот го започна енергично и моќно. Светлосни ефекти, визуелни елементи, но пред сè – живата емоција што таа ја пренесе од сцената – го направија настанот вистински спектакл.
На репертоарот беа нејзините најголеми хитови – од „Mile voli disko“ до „Ti si moj greh“, и секако незаборавната „Дама из Лондона“, песна што ја разбуди целата публика да пее во еден глас.
Но, еден момент го одбележа целиот концерт и остана запаметен како посебен. Имено, во првите редови, веднаш до сцената, во т.н. фан-пит, се најде познатиот македонски фолк-пејач од Австралија – Николче Симоновски Јошка, кој овие денови престојува во Македонија, каде што се одмора и ужива во летото и родната земја.
Во моментот кога Брена ја пееше „Дама из Лондона“, Јошката ѝ подаде симболичен, но многу емотивен подарок – грст црвени срца, внимателно направени, кои таа со широка насмевка ги прими, и продолжи да ја пее песната држејќи ги во рака. Сцената беше проследена со аплауз и овации од публиката – токму таа човечка енергија што само музиката знае да ја создаде.
Дали Јошката е голем фан на Лепа Брена? – Прашање кое речиси не бара одговор, бидејќи гестот кажа сѐ. Со срце подарено од срце, вечерта доби уште поголема тежина.
Концертот заврши со бис, овации и силни емоции, а Охрид уште еднаш се потврди како град кој знае да сака, пее и пречекува големи имиња.
Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ