Почетна > Арт Студио Продукција > Елена Јовческа со нова фолк химна: „Невеста да бидам“ – омаж на љубовта, традицијата и македонската свадба (Фото+Видео)

Елена Јовческа со нова фолк химна: „Невеста да бидам“ – омаж на љубовта, традицијата и македонската свадба (Фото+Видео)

///
Comments are Off

Познатата македонска фолк пејачка Елена Јовческа повторно го разнежни срцето на публиката со своето најново музичко остварување – песната „Невеста да бидам“, која денес во 18:00 часот доживеа своја официјална премиера на Балкан Мјузик ТВ, во продукција на Арт Студио.

Првично замислена како „Свадба правам Македонија“, песната го доби новиот, посугестивен наслов по консултација со режисерот Дејан Ѓоргиев и тимот на продукцијата. Насловот „Невеста да бидам“ не е само поетски израз – туку вистинска симболика на невестата како срце на секоја свадбена приказна, како чувар на љубовта, традицијата и новиот почеток.

Видеоспотот, снимен во живописното село Дуње во етно-локацијата „БлагиБог“, нуди ретка можност да се почувствува духот на старата македонска куќа и обичајноста што ја негува нашата култура. Со настапот на КУД „Мирче Ацев“, спотот добива уште подлабок фолклорен идентитет, а емотивната нишка ја заокружуваат актерите Филип Талески и Натали Павловиќ во улогите на младоженец и невеста.

Музиката ја потпишува Зеки Бекир, а аранжманот е на маестро Никола Кочанковски – Кочан, додека текстот е лично дело на Јовческа, што додава уште една лична нота на оваа нежна љубовна приказна. Таа сведочи за емоции кои се универзални – љубов, исчекување и радост – искуства што ги спојуваат генерациите.

„Ова не е само песна – ова е срце ставено на хартија и преточено во ноти. Верувам дека луѓето ќе ја почувствуваат искреноста“, вели Елена, која соработката со Арт Студио ја опишува како „вистинско творечко сојузништво, исполнето со професионализам и човечка топлина.

Со „Невеста да бидам“, Елена Јовческа уште еднаш докажува дека не само што умее да ја пее македонската душа, туку и да ја оживее – со љубов, гордост и верба во корените.

Уживајте!