Познатата и популарна македонска фолк пејачка и прва гајдаџика, Елена Јовческа, периодов живее исклучително динамичен и инспиративен творечки живот. Таа неодамна реализираше три нови видеоспота, со кои најавува свежа музичка приказна, во која традицијата добива современ, модерен израз.
Станува збор за две добро познати и безвременски балкански песни – „Сјајна месечина“ и „Гледанице“, како и култната народна „Сојка птица“, која овојпат е изведена во сосема поинаков аранжман. Иако корените на песните се длабоко вградени во народната традиција, Елена заедно со својот тим направи мали, внимателни интервенции во текстовите, како и целосно нова музика и аранжмани, со што песните добија современа звучна слика, без да ја изгубат својата автентичност.

Видеопродукцијата е реализирана со најдобрите – Арт Студио продукција, во соработка со Балкан Мјузик телевизија, а во музичкиот дел учествуваат два бенда – Форца Бенд и Мелос Бенд како и нејзиниот долгогодишен колега и пријател Влатко Горгиев, кој мајсторски ги внесе звуците на кавалот и зурлата, додавајќи дополнителна емоционална длабочина.



Посебно внимание привлекуваат и сценските стајлинзи, за кои се погрижи Маја од Битола. Елена се појавува во свечени фустани во црвена и златна боја – нијанси што симболизираат страст, сила и раскош. Црвената ја нагласува нејзината темпераментна и моќна енергија, додека златната внесува доза на гламур и традиционална естетика, совршено усогласена со нејзиниот фолк израз. Кроевите внимателно ја следат линијата на телото, оставајќи впечаток на самоуверена жена која точно знае што сака – и на сцената и во животот. За комплетниот изглед се погрижија En Beauty, задолжени за шминка и фризура.

Покрај новите музички проекти, Елена веќе има договорено и интензивна концертна агенда. Елена денес веќе има свој настап на денот на вљубените или Св. Трифун во Швајцарија, на 18 април настапува во Villah, а 25 април ја очекува концерт во Турција. Летниот период, како што најавува, ќе биде исполнет со бројни настапи, додека за фестивалите сè уште се во тек преговори.

Инаку, изминатата година за Елена Јовческа беше особено значајна и на приватен план. На празникот Митровден, таа на свет ја донесе својата ќерка Талија. Пејачката за Балкан Мјузик искрено зборуваше за мајчинството и првите, незаборавни моменти со своето бебе.
„Кога првпат ја земав Талија во раце, не ми беше реално дека имам дете. Не можев да поверувам дека поминале девет месеци и дека држам нов живот во рацете“, изјави Јовческа. Таа признава дека пред да стане мајка немала целосна претстава низ што поминува една жена при породувањето и што навистина значи улогата мајка:
„Пред да се породам не знаев низ што треба да помине една жена за да донесе на свет нов живот, а претходно не ја знаев вистинската улога да бидеш мајка“, додава фолк пејачката.

И покрај тоа што мајчинството денес е нејзината најважна животна улога, Елена останува целосно посветена и на музиката. Со нови проекти, силна сценска енергија и јасна визија, таа уште еднаш докажува дека љубовта и исполнетоста што ги носи мајчинството можат да бидат дополнителна мотивација за професионален успех.

Публиката, пак, со нетрпение ги очекува нејзините нови музички изненадувања – затоа што Елена очигледно влегува во нова, уште посилна и поискрена фаза од својата кариера.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
Фото: Арт Студио продукција/Балкан Мјузик тв






