DaCapo Band со голема радост и уште поголема енергија го најавува новото поглавје во својата музичка приказна – официјално е претставен новиот вокал на бендот, Антонио Тасевски, со кого бендот веќе работи на два нови музички проекти: еден од забавен и еден од народен карактер.
Снимањето на видеата се одвиваше во пријатниот и елегантен амбиент на Ресторан „Цесарица“, каде што музиката, атмосферата и позитивната енергија се споија во едно. Зад реализацијата и снимањето стои Арт Студио продукција, познати како едни од најдобрите во својата област, додека за микс и мастер беше задолжен Љупчо Соколовски, чие име е гаранција за врвен звук.
DaCapo Band и овојпат настапува во препознатлив состав:
- Илија Мицев – труба,
- Влатко Ѓорчев – кларинет / саксофон,
- Тодор Ушитков – клавијатури,
- Горан Костадинов – клавијатури и
- Никола Давчев – ударни инструменти.

Новите видеа ќе ја имаат својата празнична премиера на 7-ми и 8-ми јануари (Божиќ) и ќе се емитуваат на најгледаната музичка телевизија во Македонија – Балкан Мјузик телевизија, што дополнително ја зголемува возбудата кај публиката. Како круна на ова активно музичко поглавје, DaCapo Band најавува и голема прослава по повод 10 години постоење, која ќе се одржи во февруари, со настан што ветува одлична музика, изненадувања и многу емоции.
Во оваа празнична прилика, членовите на бендот им ја честитаат Новата 2026 година на своите верни фанови и на целата македонска публика, со желби за здравје, среќа и уште повеќе добра музика во годината што следи.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






