И оваа недела, во својот стандарден термин на Балкан Мјузик телевизија, емисијата „На здравје“ донесе прекрасно музичко дружење исполнето со македонска песна, традиција и нови музички емоции. Под водство на харизматичниот Орде Неделковски, шоуто повторно ја потврди својата мисија – негување на македонската музичка култура и промоција на нови музички имиња.
Со впечатлива инструментална изведба на вечната „Катерино моме“, Влатко Ѓоргиев и Група Круна создадоа магична атмосфера на самиот почеток. Публиката имаше можност да ужива во уникатната енергија и професионалната изведба што ја постави темата на целата емисија.
Битолската Група „Еуфорија“, која постои повеќе од 25 години, се претстави со песната „Моминска клетва“, а вокалот Марија сподели интересни детали за нивната нова насока.
„Од неодамна свириме и забавна македонска и светска музика, но македонското никогаш не го забораваме. Најново е тоа што ја снимивме и нашата прва авторска песна, чиј спот го изработи најдобрата Арт Студио продукција“, изјави Марија.

Во продолжение, нашата сцена ја преплавија познати гласови со изведби на омилените македонски народни бисери.
- Група Круна – „Глас се слуша, плач и лелек“,
- Мартин Милошевски – „Свирете ми еј, свирачи“,
- Ташко Кафанфиловски – „Кристина“,
- Андријана Ацевска – „Верувај ми“,
- Марија Петковска и Бобан Цаневски – „Каде брзаш, животе“,
- Љупчо Јовановски Буба – „Невена“,
- Жаклина Узунова – „Македонче Соколе“,
- Ангела Стефановска – „За момчето охриѓанче“.
Како што започна, така и заврши оваа пред празнична епизода – со македонска традиција. Како за крај, Групата Круна свиреше познато македонско оро, а сите присутни музичари, гости и пријатели на шоуто се фатија на оро и со игра го заокружија ова прекрасно музичко патување.
Со нетрпение очекувајте ја следната празнична епизода, во која ќе има уште повеќе музика, гости, дружба и радост – сè што нè поврзува како народ и култура со нашиот голем христијански празник – Великден.