На 29-ти ноември 2025 година, во Домот на војската на Србија во Белград, македонската музика повторно ќе добие свој дом – барем за една незаборавна вечер. Во организација на Македонското здружение „Кочо Рацин“ – Белград, оваа година Македонската вечер ќе блесне со полн сјај, со многу емоции и вистинско домашно чувство.
А за магијата да биде комплетна, за музичката програма ќе се погрижи Фантастик Бенд МК – бенд што веќе 11 години ја чува, свири и слави македонската музика низ цела држава и надвор од неа – во дијаспората.
Ова не е нивно прво гостување на Македонската вечер – напротив, пред точно осум години беа дел од овој настан и оставија одличен впечаток. Токму затоа, нивното враќање е со големи очекувања – и од организаторите, и од публиката која ги памети по енергијата, контактот со луѓето и атмосферата „која сама се создава“.

Инаку, Фантастик Бенд МК е составен од петмина врвни музичари, секој со свој талент и печат, кои заедно создаваат звук што подига на нозе:
- Дарко Ангеловски – вокал и тапан, моторот на бендот.
- Дарко Петрески – мајстор на саксофон, кларинет, зурла и гајда – човекот кој ја носи традицијата во секој тон.
- Душко Наумоски – хармоника, саксофон и клавијатури – универзалец со богато музичко искуство.
- Драган Николоски – ударни инструменти – ритамот што ја движи публиката и
- Бојан Илиески – клавијатура, кавал и вокал – со него секоја песна добива дополнителна боја и емоција.
Фантастик Бенд МК се група што најчесто може да ги сретнете на семејни веселби, журки и прослави, но пред новогодишниот период – тие се буквално насекаде – во Охрид, Гостивар, Тетово, Скопје… како што и самите тие велат – секоја вечер нов град, нови луѓе и нови емоции. Оваа година решија да си подарат мал одмор за самиот дочек на Новата година, да бидат со своите семејства и да ги наполнат батериите. Но затоа пак – 1 јануари ќе ги фати во полн погон.
Штом започне 2026-та, веќе следниот ден, Фантастик Бенд МК ќе настапат во Електра Гарден во Брвеница, Тетово – журка што традиционално собира голема публика и ја започнува годината со стил. А за Стара Нова година? Ќе ги најдете повторно тука на сцена – таму каде што најдобро се чувствуваат.

Белград, подготви се! Најавата за 29-ти ноември буди огромен интерес. Многумина веќе резервираа, бидејќи Македонската вечер секогаш се полни до последно место.
Резервации и информации можете да направите на телефонот: 063 8 393 685
Доколку сакате една навистина оргинална македонска вечер – весела, убава и со душа – ова е настанот што годинава не се пропушта!
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






