Познатиот битолски оркестар „Фаворити“ повторно ги изненадува љубителите на македонската музика со свежи изведби на добро познати хитови. Во соработка со Про Саунд Студио од Прилеп и реномираниот режисер на звук Славко Ристески, оркестарот сними нови кавери на македонски народни и новосоздадени песни, додавајќи свој препознатлив музички печат.
За локација на снимањето избран е елегантниот Euphoria Wedding & Event Center во Битола, каде што песните добија соодветна атмосфера, нагласувајќи го македонскиот музички дух. Дел од песните што добија нов аранжман се: „Ако одам во Битола“, “Куќа имам на Пелистер“, “Запејте браќа“ од Марјан Коцев, “За таа љубов да наздравиме“ од Мишко Крстевски, како и многу други.
Членовите на „Фаворити“ најавуваат уште неколку музички проекти во 2025 година, вклучувајќи и нови кавери со разновиден репертоар. Но, најголемото изненадување што го подготвуваат е авторска песна, која ќе ја претстават во текот на годината.
„Мотивацијата и инспирацијата за снимање на нови музички проекти е нешто што секој музичар го носи во себе. Ние во ‘Фаворити’ секогаш настојуваме да внесеме свежина и уникатност во музиката што ја создаваме“, изјавуваат членовите на оркестарот.
Со 18-годишно искуство на македонската сцена, Александар Кулевски (вокал), Виктор Станчевски (хармоника), Оливер Георгиевски (дувачки инструменти), Александар Митревски (бас синтисајзер), Бобан Петковски (соло синтисајзер) и Роберт Петковски (ударни инструменти) продолжуваат да ја негуваат македонската музичка традиција, носејќи ѝ модерно руво и оригинален звук.
Сите видеа од новите кавери и авторската песна ќе бидат во продукција на најдобрите Арт Студио, што гарантира врвен визуелен и аудио квалитет. „Фаворити“ ветуваат дека оваа година ќе биде полна со нова музика, нови емоции и проекти кои ќе допрат до срцата на сите љубители на македонскиот звук.
Останете во тек – музичкото патување продолжува!