Македонската радио телевизија (МРТ) ги охрабрува продуцентските куќи да поднесат свои предлог-програми на Јавниот повик за набавка на програмски содржини, објавен на официјалниот веб-сајт на МРТ. Овој повик се однесува на реализацијата на проектот посветен на незаборавниот музички идол – Тоше Проески.
Со оглед на обемноста и сложеноста на проектот, рокот за поднесување пријави е продолжен за уште еден месец и сега завршува на 24 февруари 2025 година.
Продуцентските куќи имаат можност да конкурираат за:
- Игран филм и серија посветени на Тоше Проески (како единствен проект) и
- Документарен филм (како одделен проект).
МРТ истакнува дека продуцентските куќи можат да се пријават за едниот или за двата проекти. Со овој повторен повик, Македонската радио телевизија сака да поттикне поголем број продуцентски куќи да достават креативни и иновативни предлози.
„Заедно можеме да создадеме квалитетна програма што ќе ја привлече публиката, но и ќе остане како значајно наследство за идните генерации,“ велат од МРТ.