Почетна > Македонија > Помина уште едно издание на „На здравје“, овој пат специјално посветено на тестописецот Орце Зафировски (Фото+Видео)

Помина уште едно издание на „На здравје“, овој пат специјално посветено на тестописецот Орце Зафировски (Фото+Видео)

///
Comments are Off

Оваа недела, една од најпопуларните македонски музички шоу-емисии, „На здравје“ , приреди специјално издание посветено на еден од најреномираните македонски текстописци, Орце Зафировски. Со децениска кариера и преку 650 напишани песни, од кои повеќе од 100 се хитови, Орце Зафировски остави неизбришлива трага во македонската музичка сцена.

Емисијата започна со емотивен настап на младиот Чеде Спасиќ, кој во придружба на Група Круна ја изведе незаборавната „Сите пејат, а јас тагувам“, поставувајќи го тонот на вечерта. Веднаш по него, Групата Круна заедно со младата и харизматична Емилија Иванова ја отпеаја прекрасната „Свени ми невене“, воодушевувајќи ја публиката.

Посебно енергичен и интересен настап имаше Џени Окело, која ја исполни хит-песната „Бум Бум“, внесувајќи заразна енергија што ги натера сите присутни да заиграат.

Водителот на емисијата, Орде Неделковски, во разговор со текстописецот Орце Зафировски го праша за неговиот богат музички опус и инспирацијата за неговите песни. Зафировски откри дека неговата прва успешна песна била „Дојди ми Лено на перниче бело“, која во 1989 година ја испеа Драган Мијалковски, а остана хит до денешен ден.

„Времињата се менуваат, но јас останав. Се адаптирав на стиловите, квалитетот си остана и тој секогаш се препознава“, изјави Зафировски. Тој нагласи дека при создавањето на нова песна, секогаш го зема предвид стилот и карактерот на пејачот за кого ја пишува песната, што е клучна причина за неговиот успех.

Текстописецот Орце Зафировски

Во текот на емисијата, сцената беше исполнета со извонредни настапи на познати и млади музичари. Александар Тасевски ја исполни песната „Ти само ти“, додека Чеде Спасиќ заедно со Орде Неделковски и Група Круна ја изведоа емотивната и печалбарска „Мили брате“.

Долгогодишниот соработник на Орце Зафировски, Мишко Крстевски, кој со него работи од 1996 година, откри колку е значајна нивната музичка врска, а потоа ја изведе популарната „Запри, запри виолино“.

Кон крајот на емисијата, сцената ја презедоа други познати изведувачи. Катерина Брезева, Јорде Босиловски, Анета Љумаковска и Ангела Влинковска кои имаа прекрасни настапи, а емисијата заврши со изведбата на „Весела свекрва“.

Ова специјално издание на „На здравје“ беше вистинска музичка прослава во чест на Орце Зафировски, човекот кој со своите текстови допре до срцата на илјадници љубители на македонската музика. Македонската естрада уште еднаш покажа дека знае како да оддаде признание на вистинските мајстори на зборот и музиката.