Почетна > Македонија > Никола Станишиќ – Победник во новата сезона на „Ѕвездите на Гранд“

Никола Станишиќ – Победник во новата сезона на „Ѕвездите на Гранд“

///
Comments are Off

Со неверојатна поддршка од публиката – дури 138.714 илјади гласа, младиот пејач од Скопје ја освои титулата на еден од најгледаните музички шоуа во регионот, во конкуренција со 20 финалисти од целиот Балкан.

Големото финале, што се одвиваше до доцна во ноќта, беше вистински спектакл, но најголемата ѕвезда несомнено беше Никола, кој низ целиот натпреварски процес се истакна со автентична интерпретација на македонскиот фолклор, поп-музика и искрена емоција што ја пренесе на сцената.

Роден во 2000 година и веќе активен со свој бенд на домашната и странската сцена, Никола не само што го освои жирито, туку ја расплака и публиката со својот последен настап – „Ако утре ме нема“ од ДНК, песна што ја посвети на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Моментот кога ја отпеа оваа изведба беше еден од најемотивните во историјата на шоуто – солзи на лицата, стоечки овации и тишина полна со почит.

Особено трогната беше неговата менторка, Светлана Цеца Ражнатовиќ, која со зборовите:

„Македонската музика ми е блиска и мила. Ова момче е бисер“, се поклони пред талентот на својот кандидат, а во еден од најемотивните моменти на вечерта дури и заигра македонско оро, водена од занесот на неговиот настап.

Во претпоследната емисија, Никола приреди културен перформанс што го тресе интернетот – со зурли, тапани и македонски носии, тој и неговиот тим ја отпеаја култната „Ќе ти дојдам вечер“, а Станишиќ се качи врз тапаните, оставајќи ја публиката без здив.

Како победник, Никола доби не само статуетка и признание, туку и нов автомобил Fiat, целосна маркетинг поддршка, како и професионален договор со продукцијата на шоуто – можности кои ќе го лансираат на големата сцена.

Со солзи во очите, Никола на сцената изјави:

„Им благодарам на мојата Македонија и на мојот ментор. Ова не е само моја победа – ова е победа на нашата музика“.

Како вистинска круна на својот настап, тој ја отпеа „Бисер балкански“ – химната што сега ќе се врзува со неговиот блескав успех.

Иако фокусот беше на победникот, останатите финалисти не останаа без признание. Секој од нив доби специјална плакета со потпис на Саша Поповиќ – основачот на продукцијата – во знак на благодарност за нивниот труд, талент и посветеност.

Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ

Може да ви се допаѓа и
„Модерато Бенд“ од Кавадарци со своја прва авторска песна „Слуга“ – Љубовна балада што ќе го освои срцето на публиката (Фото)
„На Здравје“ – И оваа недела македонската песна живее со својата публика! (Видео)
„Земјо Македонска“ и „Медена гајда“ го обележаа новото „На Здравје“ музичко дружење на Балкан Мјузик
Џамбо Агушев, Дејан Петровиќ и најдобрите од Гуча доаѓаат на 15-то издание на Фестивалот на дувачките оркестри во Пехчево (Фото+Видео)