Една од најпрепознатливите гласови на фадо музиката, португалската пејачка Мариза, на 5-ти април ќе одржи концерт во Македонската Филхармонија. Со децениска кариера и настапи на најпрестижните светски сцени, таа ќе ја донесе душата на Лисабон пред македонската публика.
Мариза (51) го започна својот музички пат во Лисабон, а нејзиниот пробив на меѓународната сцена се случи во 2002 година со албумот Fado em Mim. Оттогаш, нејзиниот глас одекнуваше во концертни сали како „Сиднејската опера“, „Карнеги Хол“ и „Ројал Алберт Хол“, носејќи ја традицијата на фадото низ светот.
До денес, Мариза има објавено осум студиски албуми и еден концертен, комбинирајќи ја класичната фадо традиција со модерни музички елементи. Нејзините емотивни изведби и раскошен вокал го прават секој настап незаборавно доживување.
Концертот во Скопје го организира „Старс енд мор“, а билетите се достапни преку продажната мрежа на „МК Тикетс“. Ова е ретка можност да се доживее уметноста на една од најголемите фадо ѕвезди на денешницата.