Почетна > Македонија > Ламбе Алабаковски, „Некст тајм“ и македонските музички ѕвезди со поддршка за спектакуларни настапи

Ламбе Алабаковски, „Некст тајм“ и македонските музички ѕвезди со поддршка за спектакуларни настапи

///
Comments are Off

Македонската музичка сцена ќе биде побогата со големи концерти оваа година, откако Министерството за култура одобри финансиска поддршка за повеќе значајни музички проекти.

Еден од најочекуваните настани ќе биде јубилејниот концерт на Ламбе Алабаковски, кој ќе прослави 20 години на сцената. Популарниот пејач, кој по шест години во САД се врати во родната Битола, активно ги подготвува деталите за концертот што се очекува да се одржи на крајот на летото или почетокот на есента. За реализација на овој проект, Алабаковски доби 408.000 денари од Годишната програма за култура за 2025 година.

На листата на поддржани музички проекти се и „Некст тајм“, кои ќе одржат концерти во Охрид и Битола, комбинирајќи рок музика со преработки на македонски народни песни. Нивниот концерт „Мајка“, посветен на татковината, е поддржан со 280.000 денари, додека за концертниот караван „По патот на сонцето“ добија 504.000 денари.

Посебно внимание привлекува и проектот „Македонско срце 3“ на Диран Тавитјан, за кој се издвоени 600.000 денари. Ова е продолжение на успешните албуми „Македонското срце чука во 7/8“, кои во минатото собраа врвни изведувачи од Македонија и регионот.

Во делот на популарната музика, Кирил Џајковски доби 306.000 денари за концерт со филмска музика, а настан кој ќе го привлече вниманието на љубителите на класиката е концертот на светски познатиот Пласидо Доминго, кој ќе се одржи на 14 март во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, за кој продукцијата „План А“ доби 600.000 денари.

Покрај овие настапи, поддршка добија и „Фолтин“ за концерт во Прилеп, „Меморија“ за акустичен концерт, Петар Ренџов за промоција на албумот „Самба нова“ со „Тумбао салса бенд“, како и Дина Јашари за својот концерт.