Облечени во стилот на легендарните „Бијело дугме“ од 1970-тите, македонските музичари од трибјут бендот „Бело копче“ неодамна ја промовираа својата прва авторска песна – „Сувенир од Сараево“. Песната е омаж на прочуената сараевска школа, а нејзиниот ретро звук и аранжман веќе ги воодушевија љубителите на добриот стар рок.
Основан од гитаристот Стевче Грозданов и пејачот Зоран Рудан-Цеки, бендот воедно е и музичка временска машина, носејќи ги слушателите назад во златната ера на „Бијело дугме“ со Жељко Бебек
„Оваа фаза од бендот најмногу ни лежи, па затоа и нашиот репертоар е фокусиран токму на тие песни“, вели Рудан-Цеки.
Автор на музиката е српскиот продуцент и менаџер Саша Драгиќ, додека текстот го напиша Владимир Митровиќ. Песната е снимена во студиото „Целофан“ во Скопје, а спотот, во кој глуми актерката Катерина Шехтанска, го режираше Александар Ристовски-Принц.
По промоцијата, „Бело копче“ ја продолжи вечерта со настап исполнет со безвременските хитови на „Бијело дугме“, докажувајќи дека духот на југословенскиот рок сè уште живее – и тоа со полн интензитет!