Почетна > Ексклузивно > Влатко Ѓорѓиев со промоција на своето првенче наречено “Катлановска четворка”…

Влатко Ѓорѓиев со промоција на своето првенче наречено “Катлановска четворка”…

///
Comments are Off

Кога на едно место ќе се сплотат инструментите на ученикот и учителот, тогаш е јасно зошто секојдневно имаме се повеќе талентирани млади луѓе. Желбата и љубовта кон инструментите се раѓа уште од самиот животен почеток и потоа е доволно само вистинскиот учител да те насочи и да ти ја пренесе својата богата умешност. А кога станува збор за зурлата тука дилема нема, најдобриот млад зурлаџија во Македонија е секако нашиот познат и многу популарен Џељо Дестановски. Од другата страна пак е Влатко Ѓорѓиев, скромно и талентирано момче кое владее со повеќе инструменти но со голема желба да ја впие и стопи под своите прсти зурлата како своја омилена…

На убавиот ни наш православен празник Петровден, Влатко Ѓорѓиев го промовираше своето прво македонско народно оро насловено како “Катлановска четворка” во чест на местото од кое што потекнува самиот Влатко. Музиката и аранжманот ги направи Џељо Дестановски, а аудиото е снимено кај Горан Мирковски (The Studio). Како може да се разлее една инструментална изведба ако не на едно автентично место за неа….видео приказната е снимена во црквата “Свети Никола”, пределите во и околу нашето спокојно и зелено Катланово во реализација на “Арт студио” – продукција. За уште поголемо музичко доживување се погрижија младите играорци од ансамблот “Студио Фолклор” кои со своите раскошни носии (Дамјан Ристовски) и вешти чекори ни го комплетираа во потполност музичкиот впечаток за ритамот од орото. Во овој проект на Влатко учествуваа и неговите колеги Џељо Дестановски (зурла, бас клавијатура), Далибор Ефтимовски (тапан и ударни инструменти), Златко Димитријоски (тамбура) и Војче Петрушев (хармоника) како дел од аудио оркестарот. Во екипата која се појавува во видео записот освен Влатко, Џељо, Далибор и Војче се појавуваат и младите Мартин Ристовски (тамбура) и Наум Весковски (тапан). Самиот Влатко имаме можност да го видиме и задоволство да го слушнеме на едни од најубавите македонски традиционални инструменти – зурла, кавал и гајда.

За сите љубители на убавата наша македонска традиционална и бесценета музика…уживајте како што уживаше и самиот Влатко Ѓорѓиев и неговите колеги музичари и инструменталисти…секако до следното оро.