Јордан Митев-“Има една вистина,овој свет е лага голема,а во него силна љубов ќе познаете,дури кога маж ќе заплаче”.

Јордан Митев е млад естраден уметник, кој за своите години има постигнато многу во својата кариера. Тој е пример како треба да изгледа и како треба да твори и пее еден музичар. Позади себе има оставено многу дела, а во денешното интервју ќе дознаете повеќе за неговата кариера, како и нешто за приватноста.

Како ти поминува еден обичен ден кога немаш настап?

Ј.М –Слободните денови ги поминувам како и секој нормален човек,најчесто во фамилијарен круг,да се видам со некој пријател,да заминам некаде на ден два и слично. Зависи од периодот од годината. Има месеци кои се послободни, има месеци кои се доста напорни.

 Имаш ли доволно време за други активности освен музиката?

Ј.М –Па да бидам искрен почнав да наоѓам време. Додека ја градев кариерата моја професија и хоби беше музката.Тогаш речиси целата моја енергија ја трошев за да ја изградам кариерата,да создадам колку што е можно повеќе песни,видеа и сл. Не би можел да издвојам сега за сега некое посебно хоби од кое сум зависен,но ме интересира од се по малку и се движам во различни кругови од општеството.

Каде си во моментов, во Македонија или…?

Ј.М –Во моментов сум во Македонија и според агендата овде останувам до ноември.За понатаму како ќе биде мојата рута зависи повторно од агендата и од побарувачката на публиката.

Се спрема ли нешто ново и што е тоа?

Ј.М –Да,веќе една година наназад го највувам мојот нов албум но секогаш излегуваат причини да не се реализира.Можеби и со причина,бидејќи ако нешто природно не се случува тогаш можеби и не е време за тоа.Имам веќе спремно неколку песни за новиот аудио албум,но некако чувстувам дека во изминативе години создадов доста песни и на истите тие не им дадов многу простор да заживеат бидејќи константно снимав,затоа и одложувањето на новиот албум некако природно се одолговлекува.Моето внатрешно чувство,мојата интуиција за работите ретко кога ме лаже,затоа сепак ќе почекам уште малку. Сега имам и многу поголема задача на самиот себе бидејќи мислам дека наназад направив добри песни,добри видеа,барем така вели и публиката.Морам сега прво самиот себе да се надминам и тој нов албум да биде со најдобар квалитет во споредба со се досега што имам напишано и отпеано.

Освен на свадбите и приватните забави, има ли друго место каде што може да те види и слушне публиката?

Ј.М –Освен свадбите и приватните забави и нема други места каде што може да се настапи. Веќе неколку пати кажав дека концертите се ретки и тешко се реализираат.Што се однесува до ресторанските настапи јас самиот одбрав да не настапувам континуирано, освен понекогаш и тоа само за еден настап на едно исто место,бидејќи сметам дека во тој случај се губи ексклузивитетот на самиот пејач.

Што мислиш за фестивалите во Македонија?

Ј.М –Добро е да ги има,но тоа не значи дека 20 години наназад да бидат исти,со иста сцена,организација…туку секоја година да се трудат да бидат подобри,попрофесионални и сл.За сега мислам дека се стои константно во место,затоа порано бев поактивен во тој дел сега се појавувам понекогаш.

А за македонската музика и нејзиниот статус во нашата држава?

Ј.М –Живееме во едно доста турболентно време и во нашата држава многу работи се наопаку поставени и така се функционира со години.Дали ќе поправи нешто не знам,бидејќи другите отидоа многу напред вклучувајќи ја и музиката.Сепак,ние не треба да чекаме многу од државата бидејќи нашата дражава има многу поголеми проблеми од музиката.Затоа треба сите тие кои што професионално работиме на полето на музиката,без разлика кој жанр,да се трудиме да си го најдеме своето место,да се создава квалитет,да се препознаат вистинските професионалци и така да се плива во оваа немирно море,колку што се може.

Дали сметаш дека актуелните преработки на македонските стари песни се позитивни или негативни и зошто?

Ј.М –Треба да се оживувааат старите и заборавени песни песни кои доста не се извадени на површина и добро да се спакуванаат,но тоа не значи дека еден пејач треба да се потпре само на тоа.Сепак сопствените песни се тие кои што го запечатуваат пејачот во елитата, а не обработките.Обработката може и некој друг да ја направи на ваков или онаков начин,но оригиналот останува засекогаш оригинал.

Каков е патот до успехот што го имаш до сега?

Ј.М –Ниту еден успех не е лесен.Човек мора многу да се вложи за да се направи нешто што секој не може да го направи.Така беше и е мојот пат.Овој свет е многу убав,но знае да биде исто така и доста суров и не секогаш ќе бидете пречкани со раширени раце,поготово кога сте конкурентни со нешто и на некого. И тука е најтешката битка,бидејќи има луѓе кои не бираат сретства и начин за да ве сопнат и да паднете. Најчесто тоа се во блискиот круг,или некогаш биле блиски па одеднаш станалe најдалечни. Но со јасна визија и верба во Бога се се постигнува!

Знаеш ли точно колку твои авторски песни имаш испеено?

Ј.М –Сега вака на прва навистина не знам точно бидејќи не ги бројам.Но мислам дека се околу стотина записи вклучувајќи ги и обработките.

 Што би бил ако не си естраден уметник?

Ј.М –Па,да бидам искрен пак би бил истото и истиот.Не би се менувал.

Каде се гледаш себе си за десет години?

Ј.М –Па се надевам дека барем уште 10 години ќе можам да издржам со оваа темпо на работа.За другото како се одвиваат работите само еден Господ знае. Сакам големи предизвици и големи работи и очекувам од себе многу повеќе од сега.

Што според тебе е врв на твојата кариера, самостоен концерт или светска кариера?

Ј.М –Па не мислам дека самостоен концерт е врвот,бидејќи тој поради разно разни околности може да се случи.Исто така светска кариера е многу широк поим и за истата да се постигне треба да се биде на друго место со други луѓе па и друга музика.

Сепак јас имам 31 година и сега за сега не би можел да го кажам мојот врв.Кога ќе правиме интервју после 30 тогаш ќе можам да ви одговорам на оваа прашање и ќе ви кажам точно кога бил мојот врв.

Омилени стихови од твоја песна?

Ј.М –“Има една вистина,овој свет е лага голема,а во него силна љубов ќе познаете,дури кога маж ќе заплаче”.

Тоа се стихови од мојата не толку популарна песна “Пејте за нас добри ангели”. Имам и други но ете сега тие би ги издвоил за оваа интервју.

Порака до македонските изведувачи и македонската публика:

Ј.М –На македонските изведувачи т.е моите колеги им посакувам добро здравје и успех во работата што ја работат.Се надевам заедно ќе создаваме квалитетна музика и ќе го поткренеме нивото на нашата естрада.

За македонската публика,нека бидат здрави и живи каде и да се и се што сакам да и пратам како порака ќе го кажам преку песната.