Димитар Андоновски- Повторно да се родам, повторно би ја одбрал музиката!

Каде е Димитар во моментов на македонската сцена. Се снима ли нешто ново, на што се работи во моментов?

Д.А. –Моментално на музичката сцена Димитар е во придружба на група професионални музичари. Работам заедно со “Тајфата” на нашиот прв заеднички албум. Веќе имаме снимено и издадено во етер неколку наши песни, а следуваат и уште ред други кои се дело и се снимени во студиото на Лазар и Магдалена Цветковски.

Каде може да те видат и слушнат низ Македонија? Имаш ли свирки?

Д.А. –Во моментот можам да се пофалам со свирки ширум Македонија. Не има насекаде, по дискотеки, кафичи и ноќни клубови. Периодот ни е баш исполнет со настапи, каде што нашата публика може да не види и да ги пее со нас нашите песни. А следува и летниот период во кој имаме ред свадбени прослави за чии забави сме задолжени ние.

Која е приказната со Тајфата?

Д.А. – Јас сум веќе дел од Тајфата скоро 2 години. Се почна брзо , но едноставно. Ме побараа за соработка, при што прифатив, но со мала доза на скептичност бидејќи долг период бев и функционирав како индивидуа на музичката сцена и естрада. Се се случи спонтано. Толку добро се вклопивме и координиравме едни со други што навистина за кратко време се функционираше во најдобар ред. Настапите се редеа и множеа. Набргу дојдовме и до една наша заедничка цел, а тоа е наш албум со хитови на кој токму сега работиме.

Сметаш ли дека фолкерите во Македонија се поактивни за разлика од забавните изведувачи?

Д.А. – Од моето долгогодишно и лично искуство, за жал морам да кажам дека да. Посетеноста во локалите каде што е застапена таквата музика ни зборува за таквиот факт. Забавната музика станува реткост во ноќниот живот во Македонија.

Кој е твојот сон и твојата желба за твојата кариера? Сметаш ли дека врвот е самостоен концерт или кариера надвор од границите на нашата држава?

Д.А. – Благодарен сум му на Бога за секој мој успех до сега. Мојот сон е музиката, и среќен сум и задоволен со мојата досегашна кариера. А според моето мислење врв на кариера е да имаш своја публика која ќе те сака и ќе го следи твоето дело, без разлика дали би имал солистички концерт или не. Иако, јас можам да се пофалам со два мои големи концерти кои ги одржав во 2015 година во Битола.

Како ти поминува еден обичен ден кога немаш настапи? Каде сакаш да го поминуваш слободното време?

Д.А. – Моето слободно време го врвам со семејството. Со мојот син Михаил гледам да го користам времето , посветувајќи му се максимално. Било во прошетка, било дома сакам да уживам во друштво на моите најблиски.

Кое е твоето омилено место за одмор? Има ли веќе планови за летово?

Д.А. – Омилено место за одмор..Тука дефинитивно би го издвоил манастирот во Бигорската обител “Св.Јован Крстител” каде што навистина можеш да ја одмориш душата и умот, исполнувајќи се притоа со тамошната благодет. А што се однесува за летото и летниот одмор, сеуште немаме никакви конкретни планови. Веќе размислуваме за дестинации ?

Кој ти беше првиот настап и каде? Се сеќаваш ли на чуството тогаш?

Д.А. – Првиот настап ми беше во еден скопски кафиќ, пред повеќе од 15 години. Секако дека се сеќавам на тоа чувство. Ми изгледаше како почеток на нешто големо за мене, и не сум згрешил. Сите очи беа вперени во мене таа вечер за прв пат, уживаа во мојата музика и беа навистина задоволни од мојата изведба. Беше супер искуство,како за прв пат.

Се живее ли кај нас од музика?

Д.А. – Да, се живее. Моментално живеам од музиката. Повторно да се родам, повторно би ја одбрал музиката. Тргнав по тоа што го бара публиката и навистина добро ми оди во тоа.

Што би бил ако не си тоа што си во моментов? Има ли Димитар други скриени таленти?

Д.А. –И во претходниот одговор го кажав истото. И да се родам повторно, повторно би го работел истото. Музиката ми е страст и задоволство. Уживам во неа, ме храни и полни со енергија.

Каде се гледаш себе си за десет години?

Д.А. – Не сум размислував искрено на оваа тема. Се надевам здрав и жив со семејството и со некоја убава и успешна кариера.

Омилен стих од некоја песна?

Д.А. – Ова небо знае се, се за тебе. Ова небо знае каде отиде…