Јане Рафаиловски веќе е на една скала повисоко после прекрасната преработка на Зајди, зајди!

Јане Рафаиловски периодов е актуелен со неговата преработка на легендарната песна на Александар Сариевски-Зајди,зајди за која што во соработка со Арт Продукција сними и видео запис на прекрасниот Галичник а дел од приказната во видеото беше и најпознатиот македонски актер Мето Јовановски.

Во денешното интервју, разговараме со Јане за неговите досега сработени проекти, но и за неговите идни планови и насоката на која што ја гради неговата кариера.

Здраво Јане. Со последниот твој проект освои многу срца, активира многу емоции и доби доста позитивни критики. Какво е чувството да се задоволат потребите на твојата публика?

Ј.Р. –Чуството да бидеш слушан и сакан од публиката е прекрасно, секој музичар би го посакал тоа!

Ајде нешто за твоите почетоци во музиката. Кога е откриен твојот талент и како се одвиваше тој процес?

Ј.Р. –Моите почетоци и дружење со музиката започнуваат уште на пет години, кога почнав да чукам по тенџериња, маси и се што произведуваше звук, за да продолжам на тарабука а подоцна и хармоника па со текот на годините во музичкото училиште кларинет па саксафон.

Тешко ли е да се создава музика која што ти сам ќе ја интерпретираш, или е потешко да се направи музика за друг?

Ј.Р. –Нема многу разлика помеѓу компонирање за себе или за друг. Се трудам да биде добро за уво а не само да се наполнат тактови со тонови. Треба тоа да звучи на нешто.

Од каде инспирацијата?

Ј.Р. –Инспирацијата е најбитна, треба да го погодиш времето кога си опуштен, емотивен и битно е каква музика во моментот работиш. Јас гледам сето тоа да го имам пред да седнам да компонирам.

Предходниот твој видео запис беше со познатата Анабела. Како дојде до таа соработка?

Ј.Р. –Со Анабела соработката започна случајно во едно кафуле во Скопје. Не запозна еден пријател а мене во моментот ми требаше девојка за снимање. Така само по себе коцките се споија и дојде до соработка со неа. Снимањето помина супер и имаше добри критики за спотот.

Во кој стил повеќе се пронаоѓаш себе си? Рагадам и Зајди зајди се два различни проекти. Што повеќе ти лежи?

Ј.Р. –Навистина не би знел што да кажам. Секоја музика си има добри страни, убавини и различно се доживува. И Рагадам и Зајди зајди се свои на свој начин.

После ваков проект како Зајди зајди, публиката очекува нешто толку добро? Има ли план за следен проект и каков е тој план?

Ј.Р. –Не знам точно што, но со сигурност нешто во овој правец.

Ајде малку и за твојата приватност. На толку работа и творење има ли време за приватен живот и што правиш во слободното време?

Ј.Р. –Времето е најголемиот проблем. Јас сум семеен човек. Со мојата сопруга Дијана имаме две златни дечиња Габриел и Рафаела и целото мое време го поминувам со нив. Среќа е што се разбираме затоа што и сопругата работи, па така се снаоѓаме околу нејзината и мојата работа и обврските околу децата.

Каде се гледаш себе си во иднина?

Ј.Р. –Иднината ја гледам во се повеќе и повеќе настапи и концерти низ Македонија како и надвор од неа. Работам напорно, се надевам и квалитетно за да го постигнам тоа.

Се живее ли во Македонија од музика и дали си размислувал за кариера надвор од нашите граници?

Ј.Р. –Во Македонија од музика може да се живее, но не како што се заработува на запад, па и во соседството. Но сепак за наш стандард е добро.

Кариера надвор од Македонија одсекогаш сум сакал. Често настапувам надвор, но како што кажав ако успеам да стигнам до тоа ниво да правам солистички концерти низ светот, ќе бидам презадоволен.

Што според тебе и недостасува на македонската музичка сцена?

Ј.Р. –Фалат музички медиуми, млади пејачи и критериум што се би се слушало и пуштало на истите. Намалување на странска музика и повеќе застапеност на македонска музика.