Душко Георгиевски-Музиката за мене значи да донесам песна која ќе предизвика убава емоција на публиката…

 

 

 

Душко Георгиевски веќе многу години е активен на македонската музичка сцена. Позади себе има оставено албуми, многу хитови, но и ден денес активно работи на нови проекти.

Здраво Душко. Каде си во моментов и што има ново кај тебе?

 Со голема радост можам да го споменам моето ново инструментално дело со флејта, кое го направив како нешто ново во мојата музичка кариера, давајќи придонес во инструменталните изведби за флејта, како еден уникатен производ, кој за жал многу малку се создава кај нас од македонски автори, за овој инструмент. Мојата предност е што свирам флејта, така што, како што знае публиката бидејќи го промовирав на многу медиуми, тоа е орото  „За Мила“, посветено на една од моите ќерки, која е мој наследник, според талентот. Со ова инструментално дело, си го остварив својот сон, за кој одамна сонував, да направам инструментaлно оро за флејта. Инструментот кој даде голем придонес во моето музичко растење, а има и подлабока вредност за мене од мои лични причини. Воедно, работа на нови музички дела, ново етно издание во кое имам свој удел со колешката Бајса Арифовска. ….. Секако, до крајот на годината ќе следуваат уште многу нови изненадувања за мојата публика.

Како е да се имаат две примарни професии во исто време? Како постигнуваш да бидеш успешен на две различни сфери?

Возбудливо, напорно, одговорно и бара добро менаџирање со двете за да се направи добар баланс кој ќе носи успех во двете. За среќа јас до денес успевам да го постигнувам тоа и многу сум задоволен од резултатите.

Адвокатурата е многу стресна и одговорна професија,  човечки судбини се во ваши раце,но тука најважно е да се стекне довербата, никогаш не ја  гледам само како техничка работа. Музиката, пак, ме одмара од првата професија, со неа се опуштам од долгиот и стресен ден во судови, работа на судски предмети, клиенти, закони и сл. Јас долги години функционирам успешно, бидејќи  убаво ги споив, ми даваат да го реализирам моето знаење, интелектуалниот потенцијал, талентот, а се покажа дека успешно се носам со двете, бидејќи даваат голем успех, двете паралелно.Иако, не е воопшто лесно и бара премногу откажувања и голема енергија и ангажираност. Особено, кога сте човек кој не сака импровизација или привиден успех, или просечен резултат.

Ајде малку за твоите почетоци во музиката. Како почна целата таа приказна и дали се сеќаваш на првиот настап?

Мојот прв настап поврзан со музиката е како член на оркестарот на народни инструменти при Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе далечната 1982 година на фестивалот Охридски староградски средби. Но веднаш следната година настапив на манифестацијата „Златен глас“ во Свети Николе во организација на музичка младина на Македонија, каде како интерпретатор го освоив првото место со свои 13 години, меѓу веќе етаблирани пеачки имиња во тоа време. Тоа воедно беше поттик за мене како млад посериозно да продолжам и како пеач и како инструменталист да се занимавам со музиката, бидејќи чувствував дека имам талент, но победата ми беше потврда дека сум во право и дека треба да продолжам понатаму и посериозно.Паралелно, со пеењето од 11 години свирам флејта, инструмент кој даде голем печат на мојот стил, вклопувајќи се и во мојот карактер, па ми „легнаа“  елегичните и поуметнички  песни и заради вокалните способности.

 

Што е според тебе целта на твојата музичка кариера? Можеби самостоен концерт, се повеќе и повеќе албуми и песни кои остануваат да се пеат со години или можеби кариера надвор од нашите граници?

Најпрво, морам да потенцирам дека музиката за мене не е примарна животна професија. Што ме става во поразлична позиција од моите колеги, кои живеат од неа и мора да се борат за да заработат за егзистенција.Тоа, веројатно ги става во позиција да бидат и поагресивни и да се борат со сите, за да добијат поголем дел од колачот, што е прилично стресно. Особено, во последните години кога се променија многу работи во нашата музика и целокупната состојба на естрадата, а се изгубија и вредностите и квалитетот.

За мене музиката има повозвишена цел, затоа јас не трчам низ годините со некоја силна динамика, со форсирање и наметнување секаде и по секоја цена. Никогаш не се наметнувам, до степен на здодевност на публиката, за да бидам во центарот на вниманието и да наметнам од што постојано ме гледаат, па и да им здодеам. Таквото силување во музиката за мене е непотребно. Музиката за мене значи да донесам песна која ќе предизвика убава емоција на публиката, која ќе даде да уживаат, да предизвика убави чувства, да трае. Затоа и моите песни се мојот карактер, поемотивни, елегични, тоа е мојот карактер. Од таа позиција, немам потреба да одам надвор од границите да се докажувам и да си ја купувам славата. Јас имам примарна професија, тоа е адвокатурата, а музиката ми е само оддишка од напорниот ден, релаксација, опуштање, нешто што како хоби ми е убаво да го правам. Таквата позиција ми дава можност да бидам релаксиран и да ја уживам музиката, а не бидам оптоварен дали ќе имам свирка, за да заработам и да можам да живеам. Тешко им е на моите колеги кои живеат од музиката.

Тешко ли е кај нас да се направи таков хит кој ќе остане долго да се пее и од што зависи тоа? Квалитетот на песната, изведувачот кој што ја презентира или тоа е само до публиката? И колку македонските медиуми имаат удел во тоа?

Ние имаме одлични песни, кои би биле сите хитови, доколку имаме медиуми кои ќе дадат достоен простор, потребен да даде можност на гледачот и слушателот да слушне, да ужива, да ја засака песната и да ја потпевнува. Кај нас тоа недостига, тука е најголемиот проблем. Тврдам дека ако имаме поголема застапеност на музиката, добро спакувани медиумски производи, нашите песни ќе станат хитови, како што тоа се странските, од соседите. Ние ги правиме тие песни да станат уште поголеми хитови, едноставно им помагаме дополнително. Тргајќи од медиумите каде се позастапени и секогаш поинтересни за нив, па потоа до кафеаните, клубовите каде се пласираат тие, како резултат на барањата на публиката која медиумите ја подготвиле да слуша и да пее такви песни. Мислам дека работата, за жал, веќе одамна е изгубена. Иако, ние продолжуваме да се бориме, работиме, снимаме и понатаму, но немоќни сме да придонесеме да се променат нештата. Проблем е што кај младата популација немаме доволно публика која е навикната за слуша новокомпонирана фолк музика, чист фолк, или тоа е многу мал процент, недоволен да ги потисне песните и музиката на соседите. Направете aнкета, на пример, колку млади луѓе седнале да ги гледаат нашите фолк фестивали. Сите ќе ви се смеат кога би ги прашале.

Можеш ли да наброиш неколку такви хитови кој сметаш дека ќе останат запаметени?

Како прва позабележителна песна е Да ја немам песната потоа следуваат Со синџири да ме врзат, Жими овој крст, Маре мори Маре, Свири ми виолино, Бегај бегај, Ракија и други.

 

Имаш ли твој наследник барем во едната професија?

Ќерките ми се наследнички и во двете професии. Поголемата, Верче студира во Виена на Државниот универзитет право и бизнис, а помалата Мила, која е полуматурантка ќе продолжи во средното музичко училиште, пее многу убаво, свири клавир  и таа е мојот музички наследник.Тоа се нивни одлуки, без да имаме влијание како родители, со сопругата. Веројатно, гените си го направиле своето, а и растењето во семејство каде се „живее“ со право и музика.