БЛАГОЈА ГРУЈОВСКИ: „ДА“ ЗА ФОЛК ПЕСНА СО ПОП ПРИЗВУК…

Фолк песни со поп призвук? Зошто да не. Модернизирано, но не на електронски начин туку да има поакустичен пристап. Вака нашата фолк ѕвезда Благоја Грујовски во интервју за „Балкан мјузик ТВ“ зборува за мешањето на музичките жанрови, тренд кој последниве години е доста актуелен на Балканот и не ја одминува ниту нашата естрада. Вели дека мора да се испочитува сензибилитетот кој ја има народната музика и поради тоа не би дозволил целосно да излезе надвор од вообичаениот фолк шаблон.

„Јас сум малку конзервативен. Мислам дека нашата музика дозволува одредена мерка на толеранција да се експериментира меѓутоа да не се наруши тој „организам“ на песната. Планирам да направам еден проект, па можеби и концерт со обработка на мои и туѓи народни песни со малку поинаков призвук, надвор од типичниот фолклорен – да има елементи на џез и класика. Народната музика има поспецифичен сензибилитет и јас лично поакустично ја доживувам.“

Македонската естрада ја опишува како „Сизифовска“ работа бидејќи најтешката задача на еден македонски музичар е да се создаде одредена референца која подеднакво ќе биде конкурентна во домашни рамки за потоа да се пробие и пошироко.

„Сите мои колеги, вклучително и јас, имаат тешка и напорна задача да направат некаков пробив, некаква афирмација со она што го работат на овој наш македонски пазар кој е локален пазар. Многу е тешко нашата музичка продукција, она што се произведува овде да биде конкурентно на она што се прави во многу поразвиени пазари со добра музичка инфраструктура и поголема традиција. Драго ми е што доста луѓе успеаја да створат референца во Македонија. Тоа често пати се луѓе кои добиле афирмација во странство, па после полесно ја добиле овде. Ете, како пример би го посочил Влатко Стефановски со „Леб и сол“.

Кога сега би ги правел првите чекори во музиката Благоја вели дека не би се пробил толку лесно и едноставно како на времето кога ја почнувал својата кариера а причината е моменталната презаситеност на музичкиот пазар кој се стреми на една нагла експанзија. За ова, вели тој, навистина е нереално сега да се прави некаква споредба на нашата музичка продукција со оние од странство.

„Македонија во тогашните еуфорични и по малку романтичарски години создаде една клима да се сака она што се твори во нашите граници. И тогаш се појавија многу имиња од поп и фолк сцената. Тоа траеше кратко. Потоа едноставно спласна тој ентузијазам затоа што македонската музичка индустрија практично беше „во пелени“ а не развиена за да конкурира на она што се случуваше на Балканот. Фолк музиката има лимитиран досег на публика, не е ултракомерцијална музика, ја слушаат помал број луѓе така што не можеме ние сега да правиме паралела помеѓу македонски фолк и балкански турбофолк, не се две тешки категории за да ги мешаме.“

Далечните дестинации, барем во следниве неколку месеци, ќе останат на стенд бај. Август за Благоја ќе биде месец на „турбо“ настапи во земјава.

Август ми е преполн со работни ангажмани во мојот крај, во Дебарско, поточно во Река, луѓето тука мора во две недели да ги направат сите свадби (се смее) бидејќи најголемиот дел од нив живеат во Италија.“

Не постои богата музичка кариера која не е испреплетена со многубројни подеми и порази. На прашањето дали некогаш се нашол во ситуација да трга одредени личности од неговиот пат само за да стигне до посакуваната цел, Благоја вели дека во повеќето ситуации единствената пречка за да се стигне до целта била токму самиот тој.

„Не можеш луѓето да ги тргаш од патот, можеш ти да се тргнеш од патот, да заобиколиш. Имало ситуации, но не биле нешто сериозни да мене некој ми пречи во животот. Најчесто јас сам сум си пречел. Неажурност, недоволна амбициозност, тоа некогаш малку ме кочи но и со мало задоцнување сум знаел да ги завршам работите.“

За себе вели дека не е голем љубител на патувањата дури и кога не се поврзани со работата бидејќи е презаситен од преголемото време поминато во службени патувања. Затоа добриот одмор е повеќе од добредојден иако, за жал, не секогаш го има поради темпото на работа. И покрај ова, начинот на исхрана е еден од главните приоритети на кои Благоја обрнува особено внимание. Навистина неретко кој знае дека Грујовски ужива во медот и дека тој е тајниот „еликсир“ за неговиот свеж и младолик изглед.

„Битно ми е како ќе го почнам денот, сакам да почне релаксирано и без многу напнатост. Пијам една до две чаши вода. Јадам ореви, бадеми или брусница. Морков, мед и ѓумбир – тоа ми е навика и навистина е вкусно. Така некако се подготвувам за исполнување на сите обврски во денот“, вели Грујовски.